Пред повеќе од дваесеттина години го испеа најголемиот хит со кој остана запаметена на македонската музичка естрада, “Eм го мразам, ем посакувам” а сега Елизабета Јосифовска повторно со тој голем хит се враќа на музичката сцена. Таа периодов сними и видео запис за оваа голема хитовска песна, која навистина остави длабока трага.

-“Ем го мразам, ем посакувам” песната доби и спот неодамна. Се снимаше во Охрид, мојот омилен град каде што живеев долги години. Идејата беше одамна. Сакав да направам спот, меѓутоа некако се пролонгираше се, па заминав и во Австралија, но желбата секако сега се оствари после толку години на барање на многу луѓе кои што инсистираа да направам спот, кои што ја сакаат таа песна, сеуште, истакнува Елизабета.
Според првичните оцекни дадени од страна на фановите на социјалните мрежи, Елизабета е презадоволна, бидејќи сеуште живее песната. Слободно може да се каже дека низ времето во музичката сцена, оваа песна постана и вистински евергрин.
-Сега на фејсбук, моите фанови кои ми пишуваат навистина се презадоволни, пресреќни што еве песната доби конечно и свој спот, додава Елизабета.
Елизабета на некој начин со оваа песна го најавува своето големо навраќање на македонската музичка сцена.
-Сакав со оваа песна која што беше хит повторно да се вратам на сцената. Едвај чекав, меѓутоа нема да биде само спотот. Се снимаат и нови песни и тоа во студиото “Лунар акустикс”. Снимам заедно со мојот син, во најскоро време ќе можете да слушнете мои нови песни, додава Елизабета.
Големиот хит “Ем го мразам, ем посакувам” кој го отпеа Елизабета беше дело на Владимир Нејашмиќ Бато, а музиката и аранжманот на Горан Алачки. Во периодов таа најавува и нови песни со кои се враќа на големо во естрадата.
