Во склоп на Културното забавно лето во Општина Новаци се одржа Фестивалот за Избор на “Летен Фолк хит на Македонија”. За најдобар машки вокал, публиката го одбра Благојче Стојановски-Туше, Елена Јовческа беше избрана за најдобра фолк пејачка, а во категоријата најдобра фолк група, најголем број гласови освои група Милениум.

Во прекрасна атмосфера, пред многубројната публика во општина Новаци се одржа фестивалот за Избор на летен фолк хит на Македонија. На фестивалот настапија реномирани имиња од домашната фолк сцена. Веселата публика и убавото расположение на изведувачите беа доволен показател дека овој фестивал ќе помине повеќе од добро.

Настапија повеќе од 16 пејачи и групи меѓу кои : Елена Јовческа, Тања Јовановска, Благојче Стојановски-Туше, Влатко Алексовски, Форум бенд, групата Пелагониски Мерак, Ангел Стојкоски, Спасе Матлијоски, Борче Наумовски-Министерот, група Тандеми и многу други.
Овој фестивал беше од натпреварувачки карактер, а публиката го имаше последниот збор и одлучи кои песни и изведувачи беа најдобри.
За најдобра фолк пејачка беше избрана познатата фолкерка Елена Јовческа која настапи со песната “Машала”. Група Милениум кои се претставија со песната “Не колни ја мајко печалбата”, ја освоија наградата за најдобра фолк група, а во категоријата најдобар фолк пејач, најголемиот број од гласовите на присутната публика ги освои Благојче Стојановски-Туше кој настапи со песната “Многу сум мераклија”.



Во ревијалниот дел свое шоу имаа добропознатите “Солза и смеа” кои публиката ја насмееа навистина до солзи. Ова издание имаше и хуманитарен карактер, а се пренесуваше на сателитската ИН ТВ, како и на уште 18 регионални тв низ Македонија. Организатори на оваа манифестација беа : Здружението за мода “Пикси студио” и општина Новаци, а фестивалот се одржа во склоп на “Културно забавно лето-Новаци 2018-та”.




