Истакнатиот инструменталист со македонско потекло, кој живее и работи во странство како професор и член на неколку бендови, Васко Петровски, ова лето по цели десет години повторно ја посети Македонија. Својот одмор го искористи креативно – за снимање на две нови инструментални ора, кои претходно ги имаше снимено во канадското студио ART.

Видеата се снимаа на неколку локации во Битола и битолскиот регион, а планирано е снимањата да продолжат и на други места низ Македонија, со цел да се прикажат природните убавини и културното наследство на земјата.

Проектот го реализираше ИН продукција, застапник за македонската музичка сателитска телевизија ИНТВ Австралија, која се емитува и следи низ целиот свет. Промоцијата на видеата се очекува наскоро, со што љубителите на македонската инструментална музика ќе имаат можност да уживаат во новото творештво на Петровски.

