Македонската фолк пејачка Сандра Милковска со своја јавна исповед буквално предизвика „земјотрес“ на регионалната сцена, објавувајќи видео-колаж од своите настапи на „Ѕвездите на Гранд“ проследени со жесток и крајно искрен статус кој разоткрива што навистина се случува зад сцената на најгледаното регионално музичко шоу.
„Очекував нешто големо, средено, професионално… а ме пречекаа дупки, крш, столчиња без потпирачи и атмосфера што ти ја руши психата уште пред да излезеш на сцена“, вели Сандра. Таа отворено раскажува за нехуманите услови, непрофесионалниот однос, менторите кои биле под дејство на алкохол и жири-членови што, како што вели, „немаат ни вкус, ни слух, а уште помалку право да судат за нечиј талент“.
Посебен акцент стави на својот однос со Ана Бекута, која – како што тврди Сандра – не ја подготвила за настапите, иако ѝ била ментор. „Не ме ни препозна кога излегов на сцена… литар Јегер на проба и толку од менторство“, додава таа. А за Вики Милјковиќ, пак, беше уште подиректна: „Од мода не разбира, од пеење уште помалку, а се фати за мојата маска, која самата не би се осмелила да ја носи!“
„Јас таму не отидов по победа – отидов за реклама. Но не верував дека е до толку токсично, до толку евтино, до толку срамно“, вели Сандра. Во кулминација на својата објава, таа подвлекува:
„Јас кариера си градам сама, чесно, достоинствено – без спонзори, без скандали, без позадини! И не се каам! Сè е лекција.“
Со оваа своја реакција, Милковска не само што ја расветли „темната страна“ на едно од најпопуларните шоу-програми на Балканот, туку повторно го сврте вниманието на јавноста кон прашањето: Колку навистина вреди талентот наспроти врските и сенките зад рефлекторите?
