Мишел Трајковски е одличен музичар кој што ја владее хармониката. Тој секогаш работи на нешто ново, а така е и овојпат. Нови инструментални дела, самостоен албум и упте неколку албуми со познати македонски музичари.

Познатиот виртуоз на хармоника Мишел Трајковски има доста новитети и подготвува голем број изненадувања за неговите фанови и љубители на квалитетна музика. Мишел во интервју за ИН ТВ најавува нови инструментални дела и неколку албуми кои ќе бидат во соработка со познати музичари од македонската естрада.
–Има новитети, да. Го спремам мојот нов албум, а во меѓувреме работиме со Џамбо Агушев на нашиот албум кој треба да го промовираме надвор од Македонија, веќе имавме некои понуди за Франција повторно да настапиме бидејќи лани во април бевме таму и имавме два настапи на два музички фестивали во Франција. Со Илија Ампевски веќе подготвуваме албум, така да мислам дека ќе има доста што да се слушне и види до крајот на оваа 2020-та година.-открива Трајковски за гледачите на Австралиската ИН Телевизија.
Иако е релативно млад, Мишел зад себе има голем број авторски дела, како и албум кој што е насловен “Ора и соништа” кој што го издаде во 2016-та година.
Најново кај него е соработката со пејачката Стојне Николова за песната посветена на Струмичкото село “Колешино”. Мишел учествуваше и во снимањето на видеото, а спотот ќе имате можност да го погледнете во најскоро време.
А додека го чекаме новиот материјал уживајте во “Тарантино Џез” !
