Мартин Вучиќ со порака од Мелбурн-“Танец е и наша гордост и наша должност. Ајде сите заедно да му се радуваме”

Please follow and like us:
Pin Share

По низата обиди од поединци да се бојкотира Македонскиот “Танец”, кој претставува душата на Македонија, јавно се обрати директорот на НУ Танец, Мартин Вучиќ.

Почитувани пријатели, почитувани сонародници дома и надвор,
Танец во моментов е на турнеја во Австралија. Уметниците од ансамблот со радост после 11 години и тоа токму во годината на големиот јубилеј, стапнаа на далечниот, а толку близок континент и се максимално подготвени за три врвни концерти пред публиката во Мелбурн, Канбера и Сиднеј. За жал, за цело време, а сега посебно интензивно, се соочуваме со негативна кампања и опструкција на закажаните концерти и тоа водени од поединци од нашата заедница. Постојано сум и лично провоциран со недолични прашања и квалификации, но мене политиката и тие методи на комуникација ми се туѓи и навистина не можам да се впуштам во такви дебати и конфронтации. Оттука, чувствувам потреба, како актуелен раководител на Танец, кусо да се огласам во јавноста. Јас сум на оваа функција во моментов, пред мене имало многу директори, а по мене верувам уште повеќе, но она што е константа, она што е континуитет сите овие седум децении е ансамблот Танец, сите генерации играорци и музичари, а со тоа и нашата култура и традиција, македонската самобитност. Во овие седум децении се смениле повеќе историски и општествени контексти, но македонското оро и песна, македонската музичко-фолклорна традиција, македонскиот јазик и култура гордо им пркосат на сите тие предизвици. А тоа е така затоа што сите генерации вработени во Танец и сите генерации поддржувачи на овој наш подвижен музеј на македонскиот фолклор, вложиле многу љубов и многу труд да го одржат ова што денес го имаме. Чувствувам дека како никогаш досега, македонската заедница во Австралија е разединета, а чувствувам и дека токму ваквите моменти, кога им гостува најголемиот македонски културен амбасадор, се вистинските за повторно обединување. Ги потсетувам дека и во најголемите војни во минатото, секогаш победници биле македонската песна и оро, дека тие опстоиле вон сите историски рамки и вон сите административни граници. Ние сме можеби сведени на мала територија, но нашата духовна култура е голема колку планина, а тоа е така благодарение на сите нас. Сите ние сме задолжени да си ја чуваме музиката, како што јас сум задолжен од македонското образование кое ми го даде знаењето и дипломата, но и од моите дедовци кои ми го дадоа во аманет целото македонско музичко-фолклорно богатство. Јас сум должен да го чувам и негувам, тоа е и должност на уметниците во Танец, но и на сите вас. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да го издвоиме колективниот над личниот профитерски интерес. Танец е и наша гордост и наша должност. Ајде сите заедно да му се радуваме. Во оваа прилика ги поканувам сите нашинци во Австралија да дојдат на концертите и заедно да уживаме во прекрасните македонски ора и песни. Едни без други не можеме и не смееме.”
-гласи пораката на Вучиќ, која ја испрати од Мелбурн.

Инаку, според извори на нашиот портал Естрадаплус во Австралија, за првиот концерт на “Танец” веќе се продадени над 800 карти, а се очекува посетеност од над 1000 лица, што е доволен показател дека нашите Македонци кои живеат во оваа далечна земја едвај чекаат да ги видат и да уживаат во македонските песни и игри кои ќе им ги донесат членовите на “Танец”.

Please follow and like us:
Pin Share