Македонската пејачка Маријана Димовска, која со години живее и работи во Австралија, поточно во Сиднеј, важи за едно од најбараните имиња меѓу нашинците на далечниот континент. Речиси и да нема свирка, прослава или голем настан без нејзино присуство, а каде и да настапи – атмосферата е загарантирана.
Оваа Нова година Маријана ја дочека работно, но и повеќе од успешно. Таа ги забавуваше Македонците во Перт, каде што имаше одличен дочек, преполна сала и одлична енергија, а присутните до раните утрински часови пееја и играа со неа. Нејзиниот репертоар, кој вешто ги спојува поп и фолк хитовите, повторно се покажа како добитна комбинација која ја крева публиката на нозе.

По напорниот период и успешните настапи, сосема заслужено, Маријана сега ужива во моменти на одмор и релаксација на плажите во Сиднеј, каде собира енергија за нови проекти и настапи што ја очекуваат во периодот што следи.
Интересно е што покрај успешната музичка кариера, Маријана Димовска има и друга, подеднакво значајна професија. Таа работи во женска гимназија, каде што предава италијански јазик, покажувајќи дека е вистински пример за успешна, едуцирана и сестрана Македонка во дијаспората.

Со својот талент, професионалност и скромност, Маријана Димовска продолжува да биде горд амбасадор на македонската песна и култура во Австралија – а судејќи по реакциите на публиката, најдоброто допрва доаѓа. 🎶🇲🇰
