
“Прости му срце” е насловот на новата песна на младата и талентирана пејачка која плени со нејзиниот глас, Василија Петрова. Песната, како што открива Василија ексклузивно за ИН ТВ е подарок за неа од Спасен Силјаноски, еден од најпознатите македонски фолк пејачи. Автор на музиката и текстот е Спасен, додека за аранжманот се погрижи извонредниот Златко Миладиноски. Пејачката ни раскажа за соработката со Спасен и за тоа како дошла идејата за снимање на оваа песна.
“Песната “Прости му срце” има интересна приказна. Мене ми се случи баш онака како што велат “Што е твое, ќе си дојде”. Навистина е така и дури сега го сфатив тоа, бидејќи пред 4 години кога се запознавме со Спасен, ми се јави еден ден и ми кажа дека направил нова песна и дека песната е за мене. Ја слушнав песната, но некако не можев да ја осетам, а јас не можам да отпеам песна која што не можам да ја осетам. Спасен ми рече пак да ја слушнам и дека тој е 100 % сигурен дека песната е за мене, дека многу ќе ми одговара бидејќи веќе го знае мојот стил на пеење. Тој ми рече дека морам обавезно да ја отпеам песната, но јас му велев дека нема да ја пеам. Она што најмногу го ценам од негова страна е тоа што тој ми рече дека песната ќе седи и ќе ме чека мене, па кога ќе бидам спремна и кога ќе ја осетам песната, тогаш да ја отпеам. Песната си седеше на страна, во архива. После 4 години, односно пред извесно време бев на вечера кај Спасен и неговото семејство, па тој ја зеде хармониката, се расположивме и почнавме да си пееме песни. Спасен во еден момент го отпеа рефренот од песната “Прости му срце”, а јас бидејќи само еднаш ја слушнав песната и тоа одамна, ја имав и заборавено. Кога го слушнав рефренот, нешто чудно се случи во мене, некако бев инспирирана и му реков дека тоа е мојата песна и дека сега веќе знам дека е за мене. Се насмеавме и почна да се шегува со мене дека повторно е во право и дека на крај, после толку години и јас сум дошла до тој заклучок. Помислив дека сега е време да ја претставам пред јавноста и мислам дека добро ја отпеав и ја средивме на најдобар начин, истакна Василиа за ИН ТВ.
Таа вели дека оваа песна немаше да звучи толку убаво без креативноста на маестро Златко Миладиноски, кој ја создаде магијата на аранжманот. Василија упатува голема благодарност до него, за неговата голема посветеност во текот на снимањето на песната. Оваа убава и доста емотивна песна, секако дека си доби и спот кој го снимаше ИН Продукција.
“Снимањето на спотот се одвиваше на неколку локации во Охрид, Ресен и Битола. Секоја работа си има и своја тежина, така да работевме напорно за да донесеме еден одличен производ пред јавноста, но си поминавме и доста забавно. Тимот на ИН Продукција е составен од вистински професионалци, презадоволна сум од соработката со нив и секако дека ќе продолжиме и понатаму, бидејќи тимот кој што победува, не се менува. На Ване ако му кажам “Благодарам”, тоа би било премалку за сето она кое што тој го прави за мене и мојата музичка кариера, додава пејачката.
Соработката пак, со оваа продукција започна пред неколку години. Сигурно се сеќавате на одличните настапи на Василија Петрова во првата сезона од шоуто “Нови и Млади” кое се снимаше токму во ИН Продукција во Охрид. Таа имаше голем успех со тоа што се пласираше во финалето од шоуто. Оттогаш, па до денес Василија ја добива целосната поддршка од ИН Продуција.
Таа се надева дека песната “Прости му срце” ќе допре до многу срца и ќе биде доста слушана, а тоа ќе биде голем мотив за неа, во иднина да работи уште повеќе на нејзината музичка кариера. За претстојниот период таа најавува многу нови песни и еден голем проект кој што го работи со Златко Миладиноски.
Инаку, Василија Петрова потекнува од Пиринскиот дел на Македонија и е голем поддржувач на македонската песна. Има голем број настапи низ Македонија, но и надвор од неа, а нејзиниот репертоар е исполнет со голем број македонски хитови, меѓу кои и нашите познати патриотски песни.

Во продолжение слушнете ја песната и погледнете го видеото!