Милован Секулоски е автор на музиката и текстот на голем број од неговите песни. Тој вели дека со поддршка на неговите колеги од “Позитив бенд” во следниот период ќе направат заеднична авторска песна.

Освен тоа што одлично пее и поседува моќен вокал, а некои го нарекуваат наследникот на Наум Петрески, тој е и доста квалитетен композитор. Милован Секулоски се потпишува зад текстот и музиката на повеќето негови песни, а сега во интервју за ИН ТВ вели дека не ја исклучува можноста да создаде и авторска песна за неговиот “Позитив бенд”.
-Зошто да не, тука е и Кирил Ничевски кој што во мојот прв албум “Еј песно наша” се појави како автор на музика и текст за песната “Боемска”. Таа можеби и највисоко котира досега, можам слободно да кажам. Ќе има заедничка песна, да, ние одиме полека, но сигурно кон целта и мислам дека ќе има голем успех тоа.-истакна Секулоски за естрадниот магазин Естрада плус.

Да потсетиме, во Позитив бенд членуваат Кирил Ничевски-хармоника, Димитар Димоски-саксофон и кларинет, Стевче Велјаноски-клавијатури и бас, Ристе Трајаноски-гитара и најмладиот член Кристијан Плаќаноски-ударни инструменти.
Тие за периодот кој следи најавуваат и проект со малку подзаборавени македонски песни.
-Ние планиравме да снимиме еден проект, сега во мода се преработки на песни кои што се подзаборавени, но поради ситуацијава која што е повторно ќе напоменам со коронавирусот, бевме спречени, но во скоро време мислам дека ќе започнеме да работиме на тој проект.-додава тој за гледачите на ИН ТВ.
Инаку, Милован пред само краток период во Охрид одржа официјална промоција на неговиот прв спот за “Еј песно наша”, кој е во соработка со ИН Продукција. Тој воедно пред присутните гости го промовираше и првиот солистички албум, на кој што има десет песни и е насловен како водечката песна “Еј песно наша”.
