Периодов може да уживате во најновата песна на Живе Мешуревски “Не плаши се”, која што ја претстави заедно со спот кој го изработи ИН Продукција. Но, Живе тука не запира, за следниот период најавува неколку нови песни и проекти.

Пред краток период, младиот и талентиран пејач Живе Мешуревски го промовираше неговиот најнов спот за втората песна која е насловена “Не плаши се”. Станува збор за прекрасна љубовна песна за која текстот го напиша еден од најдобрите текстописци во земјава, Борче Нечовски, а музиката и аранжманот се дело на Дејан Момировски.
-Песната е со љубовна тематика, како што и доликува на еден млад пејач. Ритамот е побрз, можам да кажам дека станува збор за модерна фолк песна. Се надевам дека ќе и се допадне на публиката.-истакна Мешуревски во неодамнешното интервју за ИН ТВ.

Иако води самостојна музичка кариера, си има и своја група. Живе настапува заедно со група Кода, кои се добропознати низ Преспанскиот регион како одлични музичари и доста се барани на семејните прослави. Секако не изостануваат ниту настапите низ локалите во овој регион. Заедно со група Кода, во следниот период ќе реализираат заеднички видео проект со преработка на стари македонски песни, кои ќе бидат отсвирени и отпеани во живо.
-Планираме за брзо време со групата да снимиме околу десетина кавери со стари македонски песни и свадбарски, во најскоро време ќе биде тоа и се надеваме дека видеото ќе биде повторно во соработка со ИН Продукција.-вели Живе, за естрадниот магазин Естрада плус.

Младиот пејач веќе подготвува неколку нови авторски песни, кои што ќе ги промовира во периодот кој следи, а најавува и албум во најскоро време.
Инаку, Живе Мешуревски е студент на Музичката Академија во Скопје на отсек-соло пеење.
