Игор Андреевски промовираше три авторски песни

Please follow and like us:
Pin Share

Три авторски песни, во студиото на ИН Продукција, промовираше талентираниот пејач и музичар, Игор Андреевски. Трите песни се со различни тематики, а Игор очекува да бидат одлично прифатени од јавноста.

Младиот и талентиран Игор Андреевски, во студиото на ИН Продукција ги промовираше неговите три авторски песни. Како што истакна тој при интервјуто, станува збор за народни песни, со три различни тематики. Игор се јавува како автор на музиката и текстот, а аранжманот е на неговиот колега Дарко Дамевски.

-Стилот е фолк, бидејќи него го негувам и преферирам. Првата песна е Врати се моја мила”, таа е љубовна песна, а темите за сите три песни се исцрпени од секојдневниот живот. Врати се моја мила” е љубовна и мислам дека ќе биде доста прифатена од публиката, ќе оставиме за сите три да одлучи публиката дали се добри. Втората песна е Отвори бабо портите која што е свадбарска, каде што се пее за момче кое оди да ја запросува, да ја зема за жена неговата сакана. Голем број од вашите гледачи ќе се пронајдат во неа и се надевам дека ќе стане хит, не само тука, дури и надвор од нашите граници. За третата песна, чувствував дека има потреба да напишам и една песна за мојата татковина Македонија. Со љубов ја напишав и ја презентирав пред гледачите, останува да видиме како ќе изреагираат и на таа моја песна која што се вика Мајка Македонија.-изјави Андреевски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Проектот е во соработка со акустичниот состав “Дукат” од Скопје, а вклучени се и Ташко Грујовски-бас гитара, Марио Кузев и Никола Волканоски-ударни инструменти, Благоја Алачки-гитара, Андреј Трајковски-зурла, Никола Николовски-клавијатури и Дарко Дамевски-хармоника.

Игор очекува песните да бидат одлично прифатени од јавноста, но ќе остави публиката да одлучи која од трите песни најмногу ќе им се допадне.

-Овој проект го изработивме сите најдобро што можевме, оставаме на јавноста да слушнат и видат, некој можеби и ќе се пронајде во песните, па ќе оставиме да одлучат стилски која најмногу ќе им се допадне. Според мене, секоја си има своја убавина.-додава тој, при интервјуто за ИН ТВ.

Игор тука не запира. За следниот период најавува уште две песни, кои што во моментов веќе се подготвуваат. Едната од нив е авторска, а другата преработка на македонска народна песна.

Please follow and like us:
Pin Share