Во богата фестивалска атмосфера, со одекот на гајдите, кавалите, тапаните и изворната песна, иако без дефиле поради дождливото време, синоќа во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков” беше отворен јубилејниот 45. Фестивал на на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”. Околу 300 учесници во Прилеп и вечер на Рудина кај Долнени ќе покажат дека се негува изворниот мелос, велат учесниците, новите генерации се заинтересирани да ја одржуваат богатата традиција.
Фестивалот го поздрави и за отворен го прогласи прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој нагласи дека општина Прилеп го поддржува овој единствен од ваков вид Фестивал.
„Фестивалот го негува изворниот мелос, а општината сесрдно го поддржува зашто значи зачувување на изворните инструменти и песни кои со векови се дел од богатото фолклорно македонско наследство“, рече Јованоски.
Денеска од 11 часот во прилепскиот дом на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиум и ќе биде промовиран Зборник на научни трудови на тема „Фолклорот во минатото и денес“.
Вечер на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер и прогласувањето на најдобрите изведувачи. Најуспешниот гајдаџија ќе ја добие Гајдата на Пеце Атанасовски.