
Некои од десетте песни и инструментални нумери што ги одбраа Бајса и Душко ќе бидат вистинско изненадување за љубителите на овој вид музика, бидејќи досега не се јавно промовирани, иако од колено на колено се пееле во крајот каде што се создадени: Малешевијата, Овче Поле, Пиринскиот дел на Македонија.
Промоцијата ќе биде збогатена со изведба во живо на неколку песни, во придружба на оркестар на народни инструменти.

-Размислувавме за повеќе варијанти, како да ги снимиме песните, и на крајот одлучивме да биде исклучиво изворно, со авторска нота кон формата и со исклучиво изворни инструменти. Сакаме да го доловиме изворниот звук, како што се пеела песната некогаш со оригинална мелодиска линија. Не знам како ќе го прифати публиката овој мој излет, но се потрудив интерпретацијата да прозвучи изворно. Јас сум презадоволен, снимањето течеше убаво. Ова беше нов предизвик за мене, пеев онака како што чувствувам – вели Душко Георгиевски.
„Кон исток“ е насловено цедето со изворна македонска музика од источниот регион, заеднички проект на Бајса Арифовска и Душко Георгиевски, кое ќе биде промовирано в среда, 18 јули, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, како дел од програмата на културната манифестација „Скопско лето 2018“.
novamakedonija.com.mk
