Викендов во Долнени , прилепско ќе се одржа 44-от Фестивал на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”. Учевство на фестивалот ќе земат околу 250 исполнители на изворни инструменти и песни.
Како што неодамна беше најавено од страна на организаторот на фестивалот, за следното 45-то јубилејно издание ќе биде отворена школа за изучување на гајдата, посветена на основачот на Фестивалот – светски познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски, но и како потсетување дека Долнени лулката на гајдаџивството, на времето имало десетици гајдаџии а денеска нема ниту еден.
Годинава во рамките на фестивалот, по петти пат се одржува и Семинарот за изучување на народните инструменти и песни како дел од фестивалот. За минатогодишните искуства свој осврт даде и еден можеби од помладата генерација гајдаџии од битолскиот регион познатиот Петар Ангелески, кој откако го свири овој инструмент досега не пропуштил да не биде дел од овој реномиран фестивал на гајдата.
-На овој фестивал учевствував многу пати, ама како посетител. Собирав материјал, ора, песни што се пеат. Ги снимав на касети на ЦД-а. Долго време се спремав да присуствувам како свирач со гајдата но не се чувствував доволно спремен или не сум имал доволно време да го направам тоа. Минатата година 2017 година учевствував исто и на семинарот и на фестивалот настапив со музичка нумера. Многу сум изненаден поради тоа што има најповеќе од источна Македонија , луѓе што свират на гајди, исто и деца. Од нашиов западен дел не е многу атрактивен инструментот како гајдата за да го учат децата од мали. Во глобала земаат кларинет, хармоника, гитара, додава Петар.
Манифестацијата е финансирана од Министерството за култура на РМ со подршка од прилепската локална самоуправа како и подршка на општина Долнени. И оваа година фестивалот е со натпреварувачки карактер при што се доделува Гранд при награда за најдобрите учесници.