Во пресрет на почетокот на 45. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” што на 5 и 6 јули ќе се одржи во Прилеп и на Рудина кај Долнени, деновиве се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Тринаесет млади учесници истражуваа, ги осознаваа инструментите и песните кои народот ги создавал низ вековите и се дел од богатото културно и фолклорно наследство на овие простори.
Оваа година семинарот е насловен „Доближувањето на младите до фолклорот”, а работата е поделена на неколку етапи. Горан Василески, магистер по фолклористика и водач на семинарот, вели новост е теренско истражување во неколку села во општина Долнени каде младите се запознале со традиционалните песни и инструменти, а повозрасните им објаснувасле на младите за фестивалот, за традиционалните инструменти и песни, за обичаите, народните носии, сѐ со цел тие потемелно да навлезат во традицијата и во фолклорот.
Според секретарот на фестивалот „Пеце Атанасовски”, Златко Лаашкоски, сѐ зависи од инетересот на државата и дека токму нивниот фестивал се труди да ги зачува традицијата, изворниот мелос.
Фестивалот „Пеце Атанасовски” официјално почнува утревечер со дефиле на учесниците во центарот на Прилеп, со првата вечер на изведувачите на народни инструменти и песни на плоштадот „Александрија” во центарот на Прилеп. В сабота е трибината со етномузиколози за изворниот мелос некогаш и денес, промоција на зобрник со научни трудови, а вечерта в сабота на Рудина кај Долнени, е втората фестивалска вечер, прогласувањето на најдобрите и врачувањето на наградата „Гајдата на Пеце Атанасовски” на најдобриот гајдаџија. На Фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи од сите краишта на земјава.
