
Бележат богат музички репертоар зад себе во забавната музика, а важат и како репер за македонската музика со бројните хитовски рефрени кои ги пласираа во 90-те години. “Силви бенд” или познатите Силви и Влатко
Плевнеш, изминативе неколку години се појавија со една поинаква верзија на антологиската охридска песна “1762-ро лето”, песна во која тие го изменаа аранжманот и ја донесоа во поинаков забавен стил.
-Морам да признаам дека 10 години се мачев со таа музичка тема. Бидејќи не е едноставно да земете нешто од нафталин , нешто многу старо, поготов што го испеале нашите стари чалгаџии на свој начин во три четвртински такт, тоа да го направите во четири четвртински такт, меѓутоа поентата ми беше што Григор Прличев многу убаво ја има опишано нашата историја. Нашето македонско прашање кое што сеуште е актуелно. Сакав да изнајдам начин истата приказна да ја претворам во нешто со моите синтисајзери во една техно лесна верзија , да им ја претставам на младите и не сакајќи тие да си го впијат нашиот текст од познатиот Григор Прличев, истакнува Влатко.
Во целокупната песна комплетно се вклопи и Силви со својот моќен вокал, каде дејствието во спотот е преточено на самото место за кое се пее во песната, на Плаошник.
-Предизвик, бидејќи тоа не е жарн кој што јас го исполнувам, но бидејчи стана тренд и ја обработивме “Твојте очи Лено”, а Влатко веќе ја имаше идејата со оваа песна. Чувствуваше некако како долг кон својот град. Несебично сакав да учевствувам во тоа и да дадам дел од себе. Мислам дека испадна потполно поинаква, што е и цел кога се прават едни такви обработки, да биде таа приказна но во едно ново руво, вели Силви.
Силви најавува дека нема да застанат тука, туку напротив ќе има и следни преработки на вакви староградски охридски песни.
