ОД ПРИЛЕП ДО МУЗИЧКАТА СЦЕНА: Стефан Блажески со нова авторска песна „МУЗИЧКИ КРАЛ“

Please follow and like us:
Pin Share

Млад, талентиран и исполнет со музички амбиции. Стефан Блажески од Прилеп е еден од младите музички ентузијасти кои уште од најрана возраст го избрале музичкиот пат, а денес храбро чекорат кон остварување на своите соништа.

„Музиката е мојот живот“ – ова не е само реченица со која Стефан ја опишува својата љубов кон музиката, туку и негово животно мото кое го следи уште од детството.

Неговата музичка приказна започнува на рана возраст. На само девет години се запишува во музичкото училиште „Матрикс“, каде што под менторство на професорот Денис Димоски ги прави првите посериозни чекори во музичкиот свет. Настапува на речиси сите концерти организирани од училиштето, стекнувајќи искуство, самодоверба и љубов кон сцената.

Неговиот талент и музичкиот потенцијал доаѓаат до израз и преку настапот во училишната програма „Ѕвон“, каде што, во присуство на својот ментор, реализира индивидуален музичко-ритмички настап.

Љубовта кон пеењето продолжува и за време на основното образование, каде што редовно настапува на училишните приредби и настани. Подоцна, во средното образование, станува дел од училишната химна, за која е снимен и музички спот.

Но, Стефан не сака да биде само интерпретатор на туѓи песни. Неговата желба е да создава сопствена музика. На 16-годишна возраст започнува да пишува текстови за свои песни, кои подоцна добиваат музичка форма и се снимаат во музичкото студио на музичарот Борче Шабаноски во Прилеп.

Новиот предизвик е веќе пред него!

Овие денови Стефан интензивно работи на реализација на видеоспотот за неговата најнова авторска песна Музички крал“. Станува збор за уште еден чекор напред во неговото музичко созревање, но и можност пред публиката да се претстави со ново авторско дело, зад кое стојат неговата креативност, посветеност и љубов кон музиката.

Приказната на Стефан Блажески е уште еден убав пример дека талентот, кога е проследен со упорност, работа и искрена љубов, може да прерасне во сериозна музичка амбиција.

Пред него допрва се отвораат нови сцени, нови песни и нови предизвици. А најважно е што тој веќе знае што сака и по кој пат сака да чекори.

Стефан Блажески – млад прилепски автор и пејач кој верува во својата музика и храбро го гради својот пат.

Затоа што, како што самиот вели: „Музиката е мојот живот!“

Please follow and like us:
Pin Share