По втор пат, величествениот кеј во Охрид беше домаќин на Етно фестивалот „ИмаТ немаТ“, кој се одржува во рамките на музичкото шоу „ИмаТ немаТ“, проект што веќе шест години континуирано ја чува, негува и промовира македонската народна песна.Пред илјадници посетители, Охрид уште еднаш покажа дека знае да ја препознае вистинската вредност. На едно место се собраа локални жители, Македонци од дијаспората и бројни странски туристи, кои имаа можност да ја почувствуваат магијата на автентичната македонска музика. Кејот одекнуваше од безвременски македонски песни, а секој стих и секој аплауз беа доказ дека традицијата сè уште живее во срцата на народот.Во време кога многумина зборуваат за зачувување на традицијата, но често ја ставаат во втор план пред комерцијалните интереси, „ИмаТ немаТ“ уште еднаш покажа дека е еден од најголемите чувари и промотори на македонската музичка култура. Овој фестивал не се создава од желба за профит, туку од љубов кон македонската песна, кон нашите корени и кон идните генерации кои треба да ја наследат оваа непроценлива вредност.Организаторите од ИН Продукција истакнуваат дека целата идеја е водена од искрена желба македонската песна да остане жива и достоинствено претставена, особено во туристички град како Охрид, каде што домашната култура треба да биде првото нешто што ќе го почувствува секој посетител.Реализацијата на фестивалот беше овозможена со поддршка од Општина Охрид, IN Media Group од Австралија, 2S Studio, предводено од Стојан Стојановски, како и долгогодишниот партнер Ресторан „Орфеј“ – Охрид, кој веќе неколку години несебично го поддржува овој културен настан.За беспрекорната сцена, професионалното осветлување и моќното озвучување се погрижи Лабино Саунд, овозможувајќи секој тон да стигне до публиката онака како што заслужува македонската песна.Вечерта ја водеше незаменливата Анита Даева, препознатливо телевизиско лице, долгогодишен новинар и еден од најпознатите текстописци на македонската естрада. Нејзиното богато искуство, блискоста со музичарите и искрената љубов кон македонската музика уште еднаш придонесоа фестивалот да добие посебна топлина и достоинство.На сцената настапија врвни македонски изведувачи кои специјално избраа етно и народни композиции: Лени Партикова Елена Андоновска, Марјан Коцев, Благојче Стојановски – Туше, Василија Петрова, Елена Велевска, Елена Јовческа, Иван Милевски, Спасе Антевски, Zdrave Music, Кире Науновски, Unikad Bend, Александар Ицов, Игор Безаноски и Софија Пуровска.Посебен белег на фестивалот даде и Битолската коњаница „Галоп“, која со своето присуство внесе дополнителен дух на македонската традиција, додека за смеата и доброто расположение беа задолжени Жанко ЗС и Тетинот, кои уште еднаш покажаа зошто се омилени кај публиката.

Настанот беше пренесуван во живо преку Сателитската телевизија IN, како и на YouTube, овозможувајќи илјадници гледачи од Македонија и од целиот свет да бидат дел од оваа музичка вечер и да почувствуваат дел од атмосферата што владееше на охридскиот кеј.Од ИН Продукција велат дека овој фестивал никогаш не бил замислен како обичен концерт или комерцијален проект.„Ова не е бизнис. Ова е културна мисија. Нашата цел е да ја чуваме македонската песна, да ја пренесеме на младите генерации и да покажеме дека Охрид, како најголем туристички бисер на Македонија, треба да одекнува токму со македонска музика. Тоа е нашиот идентитет, нашата историја и нашата гордост.“И токму затоа, секоја година кога ќе се слушне звукот на македонската песна покрај охридското езеро, победува традицијата. Победува културата. Победува Македонија.
