Познатиот кларинетист Орхан Роки, признат како во Австралија, така и во Македонија, и летово не мирува. Својот одмор во татковината го искористи за создавање на нов музички проект – инструменталното оро со наслов „Малешевска игра“.
Орхан, кој е активен член на австралиската музичка група Амеадеус, го сними видеозаписот токму во живописното Крушево. Во видеото, покрај неговата виртуозна изведба на кларинет, учествуваат и фолклорни играорци од КУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, кои овие денови се на турнеја низ Македонија. Дополнителна автентичност и музичка поддршка дадоа и инструменталисти од КУД „Гоце Делчев“ од Битола.

Видеозаписот го реализираше ИН продукција, долгогодишни соработници на Орхан, познати по висококвалитетни музички спотови со македонски дух.
Премиерата на „Малешевска игра“ се очекува овие денови на ИНТВ, единствената македонска сателитска телевизија што ексклузивно негува и промовира македонска музика низ целиот свет.
