Маестро Сашо Ливрински деновиве гостуваше во студиото на ИН Продукција. Тој за гледачите на ИН ТВ откри дека има два нови проекти, а најави и соработка со позната македонска пејачка.

Познатиот музичар и виртуоз на хармоника, Сашо Ливрински за периодот кој следи најавува нови музички остварувања. Како што открива во интервјуто за ИН ТВ, Ливрински добил два проекти од Министерството за култура. Станува збор за народни песни кои што ќе бидат во класично издание.
-Сакам да се пофалам дека оваа година добив два проекти од Министерството за култура на Република Македонија. Тоа се народни песни кои ќе бидат некое ново светло во еден класичен приказ. Брзо излезе и едно цд, јас се надевам дека ќе дојдеме со господинот Зоран Гркоски од Тетово, на кој што му направив обработки на стари македонски народни песни во некои помодерни аранжмани, тоа цд излезе токму пред Новата година значи ќе се брои во оваа година затоа што така ќе биде претпоставувам и промоцијата.-истакна Ливрински за естрадниот магазин Естрада плус.

Тој во интервјуто најавува и нова песна со негова колешка и блиска соработничка, композиција која што според него ќе биде вистински бум на македонската естрада.
-Подготвуваме еден бум со една наша многу позната пејачка и моја одлична соработничка, па во нејзина чест нема да кажам која е бидејќи така сме се договориле, ќе си се открие само по себе и мислам дека ќе биде навистина нешто што не се појавило во нашиве простори.-вели Сашо во интервјуто за ИН ТВ.
Маестро Ливрински деновиве гостуваше во студиото на ИН Продукција, заедно со неговиот колега, воедно еден од најдобрите кларинетисти во земјава, Влатко Терзиски. За следниот период најавија уште неколку нови заеднички проекти.
