Пред околу недела дена се одржа првото издание на Детскиот музички фестивал “Весели Ѕвончиња” во Прилеп, а веќе започнаа аудициите за наредното издание кое како што велат организаторите ќе биде во месец септември следната година.

Веќе започнаа аудициите за следното издание на Детскиот музички фестивал “Весели Ѕвончиња”. Фестивалот неодамна го имаше првото успешно издание, со две преполни сали во Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп. Најмногу се израдувааа најмладите во публиката кои одлично се забавуваа, играа и пееја заедно со сите учесници на фестивалот. Организаторите се презадоволни, а нивните очекувања се овој детски фестивал да прерасне во традиција.
-Да, се исполнија моите очекувања, многу сум задоволен и веќе одма почнуваме со аудиции уште од денеска. Песните веќе се подготвуваат. Сите заинтересирани родители кои што своите деца сакаат да ги пријават, зборуваме за цела Македонија, тоа можат да го направат на мојот приватен фејсбук профил, Гоце Илиески Балада или пак на телефонскиот број 075/911-675.-истакна Гоце Илиески, во неодамнешното интервју за ИН ТВ.

Како што најавуваат организаторите, следното издание на “Весели Ѕвончиња” е предвидено да се одржи во месец септември 2020-та година, токму во оној период кога започнува и учебната година.
-Следната година ќе биде, меѓутоа во почетокот на септември. “Весели Ѕвончиња”, “Ѕвон”, па почеток на учебната година, школско ѕвонче, така да, во почетокот на месец септември ќе биде и фестивалот “Весели Ѕвончиња”, повторно во Прилеп. Иако овој фестивал нема да биде само во Прилеп, имаме покана да настапуваме во Радовиш, така да во глобала тоа е. Најпрво во Радовиш, а потоа по покана ќе одиме и во останатите градови.-додава уметничкиот директор на фестивалот.

На детскиот музички фестивал “Весели Ѕвончиња” кој се одржа за првпат, беа претставени вкупно дванаесет новокомпонирани песнички. Како комплетен автор на сите песни, се потпишува Гоце Илиески Балада.
