Зоран Далчески ја промовираше песната „На срце ми лежи Дана“. Текстот е на познатиот текстописец кој што живее во Австралија, Крсте Наумоски-Мечкар, а музиката ја направи Тони Иваноски. Зоран очекува песната да биде добро прифатена од јавноста, бидејќи е љубовна и со весел ритам.

Зоран Далчески со полна пареа се враќа на македонската естрада. Деновиве во студиото на ИН Продукција ја промовираше неговата најнова песна која носи наслов „На срце ми лежи Дана“. Како што истакна Зоран при гостувањето во ИН ТВ, станува збор за песна со љубовна тематика, во брз и весел ритам.
-Таа е негово дело, односно текстот е на Крсте и баш ми е задоволство што ќе ја промовираме заедно тука за прв пат во ИН Телевизија. Една убава песна, ќе ја слушнат вашите гледачи и се надевам дека ќе им се допадне.-вели Далчески.

Текстописецот Крсте Наумоски-Мечкар, кој што покрај оваа песна има напишано уште педесетина други, ни открива како дојде до соработката со Далчески.
-Пред две години кога бев тука се сретнавме со Зоран и ми рече…Чичко Крсте напиши една песна и за мене, реков добро ајде и кога си отидов во Австралија по извесно време тој замина за Америка. Да е жив фејзбук, пак дојдовме до контакт и му кажав дека имам нешто да го погледне, ако му се допадне добро, ако не ќе чекаме друга инспирација. И така, него му се допадна, а и мене ми се допадна со продукцијата со која што ми ја испрати пред некој ден да ја видам. Така да, ако тој е задоволен со својот продукт во кој мал дел има мој, јас сум три пати повеќе.-раскажува Наумоски, за гледачите на ИН ТВ.
Музиката за оваа песна е дело на Тони Иваноски, а снимена е во студиото “Про саунд”, кај Славко Ристески.
Инаку, Зоран Далчески веќе една година живее во Америка, каде што заедно со други музичари кои што потекнуваат од Македонија, ја негуваат македонската песна и често настапуваат пред нашинците во оваа далечна земја.
