Иако периодов требаше да има голем број настапи на Црногорското Приморје, сите нејзини свирки се откажани поради ситуацијата со коронавирусот. Слаѓана Столеска се надева дека барем од месец септември музичарите ќе можат слободно да настапуваат на нивните вообичаени свирки на семејните прослави и низ локалите, секако со почитување на мерките за заштита од Ковид 19.

Слаѓана Столеска важи за една од најбараните пејачки во нашата земја, но и надвор од неа. Во текот на изминатите години таа претежно во летниот период остваруваше голем број свирки во Будва, Црна Гора, но и во повеќе земји низ Европа, но сега за жал поради пандемијата на коронавирусот сите нејзини настапи се откажани. Слаѓана во интервју за ИН ТВ вели дека е навистина тешко за нив музичарите без нивните настапи, но се надева дека сето тоа ќе се среди во најскоро време.
-Тешко е нормално бидејќи навикнати бевме да работиме и сега овој период имаме стагнација и финансиски и секако, научени сме да работиме. Се надевам дека овој период веќе ќе започнат свирките, нешто имав, но со некои непријатни ситуации како инспекции, чекам да се средат работите и не сакам да одам сеуште да пеам моментално и не прифаќам. Од септември ако бидат работите како што треба мислам дека ќе почнат регуларно да се одвиваат нештата.-истакна Столеска, за естрадниот магазин Естрада плус.

Периодот на изолација таа го искористи максимално работно во студио и ја сними нејзината најнова песна која носи наслов “Пуста да е Мајко туѓината”.
-Песната беше претходно договорена и не сакавме во периодот на карантин да седиме и да чекаме, туку баш да го искористиме овој период, да снимиме и да ја пласираме за сите оние кои што се дома да имаат нешто ново да видат.-додава таа за гледачите на ИН ТВ.
За песната “Пуста да е Мајко туѓината” Слаѓана сними и доста модерен спот кој е во соработка со нејзините долгогодишни соработници од ИН Продукција.
