Познатиот виртуоз на хармоника и композитор, Милан Завков зад себе има богата 40 годишна музичка кариера. Тој има создадено над 150 песни, од кои повеќето се големи хитови.

Милан Завков, кој важи за еден од најдобрите и најпознатите хармоникаши во Македонија, но и одличен композитор, има повеќе од 40 години музичка кариера. Неговиот јубилеј од 40 години го прослави пред три години со голем спектакуларен концерт. Во интервју за ИН ТВ тој открива дека досега има создадено над 150 авторски песни, од кои поголемиот дел се големи хитови кои сеуште се пеат и живеат кај народот.
-Да, имам многу нанижани хитови и 40 годишна кариера. Јас во 2017 година имав и еден мој авторски концерт-40 години со музиката и на естрадата. Имам многу голем опус позади мене како од песни, така и инструментален опус за овие 40 години можам да кажам. Да одвојам не би можел во моментов, многу ги има затоа што зад себе имам околу 150 авторски песни.
Би одвоил нешто што стварно е излезено како хит и како нешто што е обнародено тоа се : Првата соработка со Виолета Томовска, “Заиграј со мене”, “Камен да беше срцето”, “Свири мајсторе” со Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” со Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” со Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” со Благица Павловска и ќе кажам многу многу други …. Ми треба многу време за да ги најбројам сите, не само хитови туку и други преубави песни.-раскажува Завков, за гледачите на ИН ТВ.

Неговите песни се отпеани од најеминентни имиња како што се Атина Апостолова, Виолета Томовска, Пепи Бафтировски, Благица Павловска, Сузана Спасовска, Гоце Арнаудов, Наум Петрески, Благица Калева, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски и уште многу други. Покрај автор на песни и аражмани Милан Завков се истакнува како солист инструменталист со многу ора и чочеци.
Инаку, Милан како истакнат инструменталист има издадено 5 свои цд-а со авторска инструментална музика. Од 2000-та година Милан е вработен во Државниот Ансамбл на Македонија “Танец” како раководител на оркестарот и со Ансамблот остварува многу турнеи и концерти како во Македонија така и насекаде низ светот.
