Групата Динамика е оформена пред околу две години по иницијатива на сите членови кои покрај колеги, важат и за блиски пријатели. Тие деновиве го претставија нивниот најнов музички проект, кој се снимаше во студиото на ИН Продукција.

На македонската музичка сцена опстојуваат веќе две години, а зад нив имаат три големи проекти и една авторска песна. Група Динамика се состои од пет млади, но доста искусни музичари кои долги години се занимаваат со музика.
-Постоиме околу две години. Сите ние сме другари уште одамна и сите свириме, па така еден ден седнавме и започнавме да муабетиме и си рековме зошто да не направиме нешто повеќе и така се оформи групата. После тоа го одбравме името Динамика и така.
Покрај мене, Никита кој свирам на хармоника, заедно со нас тука се и Александар-вокал на групата, Димитар-бас клавијатури, Мартин-саксофон и дувачки инструменти и Влатко на тапани.-вели Никита Дуковски, еден од членовите за естрадниот магазин Естрада плус.
Инаку, тие пред само краток период во студиото на ИН Продукција го снимија и претставија новиот музички проект кој се состои од добро одбрани македонски свадбарски и народни песни кои се добропознати на јавноста.
За периодот кој следи тие најавуваат нова авторска песна, па лека полека планираат да комплетираат и заеднички албум.
