Оперскиот пејач Давид Миладинов во интервју за ИН ТВ раскажува како поминуваше за него периодот на изолација.

Тој вели дека сеуште е тешка ситуацијата за сите музичари, а него лично му е премногу тешко да се оддели од музиката, која му значи најмногу во животот.
-Доста тежок ми беше овој период како и на сите мислам. Посебно за нас уметниците, музичарите е многу тежок период бидејќи мене да кажам лично ми е многу тешко да се одделам од музиката. Тоа ми е нешто најбитно и затоа го почувствував овој период многу лошо на себе бидејќи не можам да пеам, не можам да вежбам. Не е исто.-истакна Давид за естрадниот магазин Естрада плус.

Поради моменталната ситуација, тој вели дека пробите за оперско пеење ги одржува онлајн со неговиот професор Борис Трајанов. Но и останатиот дел од денот му поминувал со музика и пеење на различни видови музика.
-Да, вежбам и сам, но и професорот Борис ми држи часови. Работиме заедно бидејќи не можам да ја оставам дијафрагмата на цедило. Доста пеев по дома, цело време дури и моите дома ми реагираа, “Ајде доста е веќе, одмори малку доста со оперското, ајде нешто забавно, народно, некоја македонска песна”, но како и да е, се трудам да се забавувам, да помине овој период и сите да уживаме.-додава тој за гледачите на ИН ТВ.
Давид пред извесно време го промовираше спотот за одличната преработка на патриотската песна “Кога падна на Пирина”.
Неговата извонредна изведба на оваа песна која важи за една од најемотивните, нема да остави никого рамнодушен.
