Благојче Стојановски Туше, откако се вратил од Австралиска турнеја морал да помине 14 дена самоизолација во неговиот дом во Ресен. Тој за естрадниот магазин Естрада плус, преку видео од домот ни одговори на неколку прашања, но и ни запеа.

Голем број од македонските музичари пред воведувањето на вонредна состојба во Македонија поради коронавирусот, беа надвор од нашата земја, поточно ги остваруваа нивните турнеи во различни краеви низ светот. Поради лошата ситуација и брзото ширење на вирусот, тие мораа да ги прекинат турнеите и принудно да се вратат во својата земја.
Повеќето од нив се вратија на време и деновите за самоизолација ги издржуваа во нивните домови, но некои од музичарите останаа заглавени во сета оваа ситуација и карантинот го издржуваат во одморалишта и хотели, односно во сместувачките капацитети кои што ги одредува државата.
Откако се врати од Австралија, фолк пејачот Благојче Стојановски Туше мораше да помине 14 дена во самоизолација, за среќа, во неговиот дом во Ресен.
-На 16-ти март се вратив од Австралија од мојата турнеја, па на враќање на аеродромот морав да потпишам некои документи за самоизолација. Тие 14 дена според прописите ги издржав во мојот дом во Ресен, а после тоа можев да излезам. Излегов да платам некои сметки и да пазарам.-открива Туше за Естрада плус.
Екипата на естрадниот магазин го запраша Благојче-Како го поминува времето дома, со оглед на тоа што станува збор за вонредна состојба кога сите треба да останеме во своите домови?
-Времето го поминувам дома, претежно цел ден сум со семејството. Најдовме некои занимации, играме пинг понг, вежбаме, пееме, снимаме некои песни со моите деца, цело време сум со семејството.-раскажува Туше, во видео интервјуто.
И како што знаеме, музичарите веќе ги откажаа или одложија нивните настапи во земјава и надвор од неа, а одложена е и турнејата на Благојче во Австралија која била закажана за месеците април и мај.
А што најпрво би направил Туше, откако ќе заврши оваа ситуација со коронавирусот?
-Што би направил прво кога ќе заврши се? Ова е многу добро прашање. Најпрво би сакал да се видам со сите оние кои што сега ми фалат, сите мои пријатели, другари, роднини, мои блиски. Да се напиеме по едно кафе, по една пијачка, да поразговараме, да си раскажеме кој како помина во оваа самоизолација, во овој карантин и да си дадеме надеж едни на други дека ова повеќе нема да се повтори и да веруваме во Бога, да сме здрави и живи.-вели пејачот, за гледачите на емисијата Естрада плус.
Целото интервју проследете го во естрадниот магазин Естрада плус, кој се емитува секојдневно на сателитската ИН Телевизија, како и на 18 регионални телевизии низ Македонија!
И за крај, Благојче и неговиот син Марио не поздравуваат со заедничка изведба на еден многу убав рефрен !
Благојче Стојановски Туше и неговиот син Марио, преку видео од нивниот дом ги поздравија гледачите на Естрада плус и ИН ТВ со заедничка изведба на познат негов рефрен. Уживајте !
Gepostet von INTV am Mittwoch, 1. April 2020
