Австралиско-Македонската Младинска Асоцијација “Никола Карев” важи за најголемиот амбасадор на македонската култура и традиција цо Австралија. Преку нив, во Австралија заминале голем број македонски пејачи. Тие се организатори и на турнејата на Дарко Стојаноски и Спасен Силјаноски. Од друштвото велат дека има преголема заинтересираност за нивните концерти, но како ќе помине нивната турнеја, останува да видиме во следниот период.

Преку Македонското друштво “Никола Карев” во текот на изминатите години во Австралија продефилирале бројни познати музички имиња од македонската естрада. Целта е преку македонската музика да се доближи традицијата и културата до нашите иселеници кои што поради разни причини ја напуштиле родната земја Македонија.
Друштвото “Никола Карев” периодов е организатор на големата турнеја на едни од најпознатите фолк пејачи, Дарко Стојаноски и Спасен Силјаноски, кои што во Австралија ќе одржат вкупно осум концерти, а ќе останат скоро месец дена.
-Друштвото “Никола Карев” како организатор на овие концерти и многу други концерти во последните 30 години во Австралија сме ги носеле и сеуште ги носиме најдобрите и најпопуларните македонски пејачи, сме соработувале со сите најголеми македонски ѕвезди и така ќе продолжиме. Овојпат ќе одржиме осум концерти низ Австралија и верувам дека повеќето од нив ќе бидат распродадени.-истакна Аце Петровски, претседател на македонското друштво, при гостувањето во ИН ТВ.

Ова македонско друштво беше организатор и на Австралиската турнеја на Влатко Миладиноски и Дамјан Стојаноски, а нивните концерти ги рушија сите досегашни рекорди на посетеност.
-Како што кажав на концертите очекуваме голема посетеност, а морам да признаам дека таа турнеја на Влатко и Дамјан е тешко некој да ја собори. Јас сакам да бидеме ние тие кои што ќе ги соборат тие рекорди. Навистина тие концерти беа толку успешни и како што реков се надевам дека ќе биде така успешна и оваа турнеја, а верувам дека ќе биде. А дали ќе ја собориме или ќе бидеме блиску до таа турнеја со посетите, останува да видиме.-додава Петровски, за гледачите на ИН ТВ.
Изминатиот викенд во Мелбурн на 7-ми и 8-ми март, Дарко и Спасен веќе ги одржаа првите концерти, а покрај во Мелбурн, тие ќе настапат и пред нашите македонци во Сиднеј, Queanbeyan и Перт.

