Христијан Божинов Кико и неговиот Болеро бенд, се наоѓаат во Австралија каде што остваруваат уште една голема турнеја. Во нивниот тим овојпат се и Гонце Гогова Петкова и Фазли Сејфулов. Кико за гледачите на ИН ТВ ги раскажа неговите импресии од турнејата.

Добропознато е дека периодот пред и после Новогодишните и Божикни празници, поголемиот дел од македонските музичари одржуваат концерти пред нашите македонци кои живеат надвор од Македонија. Како и повеќето, така и познатите Болеро бенд на чело со нивниот вокал Христијан Божинов Кико, ја остваруваат нивната Австралиска турнеја. Во интервју за ИН ТВ, Кико ги раскажува импресиите од престојот во Австралија и вели дека највеселите македонци, живеат токму во оваа далечна земја.
-Јас сум во Австралија по 9-ти пат, а мојот бенд Болеро е по 7-ми пат. Досега тука јас имам одржано над 100 концерти, можам да кажам и не знам што би кажам само импресии, значи највеселите македонци низ светот живеат токму тука во Австралија. Знаат да се веселат, знаат да пеат, знаат да играат, многу весели македонци.-истакна Кико, за естрадниот магазин Естрада плус.

На оваа турнеја заеднички концерти имат Кико и Болеро, со пејачката Гонце Гогова Петкова, а во нивниот тим е и познатиот музичар Фазли Сејфулов. Тие веќе одржаа неколку концерти во преполни сали и се презадоволни од целата турнеја.
-Оваа година сме дојдени во комбинација, Кико и Болеро, со нас е Гонце Гогова Петкова, после 5 години и таа дојде во Австралија, тука е и маестрото на дувачки инструменти, Фазли Сејфулов. Првиот концерт го одржавме во ЊуКасл, турнејата требаше да започне една недела порано, но ја презакажавме. Супер беше, а потоа следуваше концертот во Рокдајл во Спортскиот фудбалски центар Илинден.-додава тој, во интервјуто за ИН ТВ.

Само за потсетување, пред нивното заминување за Австралија, Кико и Болеро успеаа да снимат четири видео записи во еден ден, секако во соработка со ИН Продукција.
