Периодов со полна пареа работат Влатко Миладиноски и Интермецо бенд. Во интервју за ИН ТВ, Влатко вели дека со неговите колеги секој викенд имаат нов предизвик, односно преку нивните настапи, секој викенд запознаваат нови краеви од Македонија.

Влатко Миладиноски и Интермецо бенд важат за едни од најбараните музичари во Македонија и надвор од неа. Тие периодов имаат полна агенда настапи низ нашата земја.
-Агендата е доста полна како што и очекувавме за овој период од годината бидејќи има навистина голем број веселби и приватни забави. На наше огромно задоволство, јас и мојата екипа сме секој викенд на патувања низ Македонија, па имаме можност да ги запознаеме и оние краишта каде што досега не сме биле.
Со колегите заклучивме дека буквално секој викенд сме како на некој предизвик, многу ни е раскршено и имаме еден вид крстарење низ Македонија. Така да, не би можел да одберам еден град или крај каде што сме најчесто, затоа што сме навистина насекаде. Малку е напорно и заморно патувањето, меѓутоа е многу поинтересно, гледаме различни места, иако нашата Македонија е многу мала, но е многу полна и богата со секакви убавини, има што да се види и ние уживаме во тоа.-истакна познатиот фолк пејач Влатко Миладиноски, во интервју за ИН ТВ.

Пред само краток период, Влатко го промовираше новиот спот за песната “Се вратив сине”. Спотот се снимаше на неколку локации во Швајцарија, но и на планината Козјак.
Инаку, станува збор за доста емотивна песна, која што е со печалбарска тематика.
-Доста емотивен текст има песната, приказна за многу македонци кои што живеат насекаде по светот. Се надевам дека со спотот ќе се оформи таа цела приказна да можат и физуелно и преку аудио да ја слушнат и верувам дека многу луѓе ќе се пронајдат во таа приказна што јас ја имам отпеано.-
Песната “Се вратив сине” е сместена на неговиот трет студиски албум. Музиката и аранжманот се дело на неговиот брат Златко Миладиноски, а текстот е на Драган Матески.
