Дванаесет нови песнички беа преставени на Детскиот Музички Фестивал “Весели Ѕвончиња” кој се одржа за првпат во Прилеп. Фестивалот беше навистина убаво доживување за најмладите пред Дочекот на Новата Година.

Во преполна сала и пред многубројната публика во Центарот за Култура “Марко Цепенков” во Прилеп за првпат се одржа Детскиот Музички Фестивал “Весели Ѕвончиња”. На фестивалот беа претставени дванаесет нови композии на кои како автор на музиката и текстот се потпишува Гоце Илиески-Балада, а аранжманот е на Рубин Димкоски.

-Со еден збор, одлично. Навистина одлично, денес имавме две претстави, две преполни сали. Така да, во глобала сме задоволни. Севкупно имавме дванаесет песни, , дванаесет хитови нескромно ќе кажам бидејќи ние уште од самиот старт се трудевме да го вратиме стариот сјај на детските фестивали и во тоа се надеваме дека успеавме, а доказ за тоа е бројната публика која што даваше огромни аплаузи. Имаше и бенд, имаше и кореографии, така да имавме севкупна целина се со цел да доловиме и креираме нова детска фаза во циклусот кој што е наречен “Весели Ѕвончиња”. Децата ги подготви Драган Јанкоски, главниот организатор на фестивалот.-истакна Гоце Илиески-Балада, уметнички директор на фестивалот.

Атмосферата беше одлична, а сите дечиња кои што учествуваа на фестивалот, но и оние во публиката навистина се забавуваа, играа и пееја.

Инаку, подготовките и аудициите за следното издание на “Весели Ѕвончиња” веќе започнаа. Заинтересираните родители, своите деца можат да ги пријават на фејсбук профилот на Гоце Илиески-Балада или на телефонскиот број 075/ 911-675.
Организаторите се надеваат дека овој фестивал ќе прерасне во традиција и дека од него ќе се родат новите музички ѕвезди на македонската сцена.


