Убави македонски песни во новиот проект на Живе Мешуревски и неговата Група Кода. Во проектот учествува и извонредната Сања Димова која отпеа две песни заедно со Живе.

Живе Мешуревски и Група Кода го снимија нивниот заеднички видео проект кој се состои од добро одбрани македонски народни песни. Снимањето помина во одлична и позитивна атмосфера во познатиот ресторан “Две Лири” во Ресен, а проектот е во соработка со ИН Продукција.
-Поради вирусот одложувавме повеќе пати, па еве денес дојде тој ден да се сними. Овој проект го снимивме само со македонски песни, а за понатаму ќе видиме можеби ќе ставиме и странска музика. Сега сакав да бидат македонски песни, па се надевам дека на гледачите ќе им се допадне. Проектот го снимивме во ресторанот “Две Лири”, сакам да се заблагодарам и да ги поздравам сопствениците на ресторанот, таму работиме со групата и луѓето најчесто можат да не видат таму. Благодарност уште еднаш до нив, што ни овозможија денес да снимиме таму.-истакна Мешуревски за естрадниот магазин Естрада плус.

Во овој музички проект тие одлучија да вклучат и женски вокал, младата и доста талентирана Сања Димова, ќерка на познатиот тандем Билјана и Борис Димови. Како што изјави Живе во интервјуто за ИН ТВ, соработката со Сања дошла сосема спонтано, а за проектот тие одбрале два одлични дуети.
-Со Сања имаме два дуети, се работи за песната “Животот е многу убав” на која како автор на текстот се потпишува Борче Нечовски, музика Милан Завков, песна од Валандово Фест ја препеавме таа песна и “Мерак Сокриен” песна од Благица Калева. Соработката дојде сосема случајно, Сања ја познавав од пред некое време и ја слушнав како прекрасно пее, ми се допадна и ајде реков да ја поканам. На мое задоволство таа прифати.-додава Живе.

-Одма ја прифатив понудата, не ни размислив бидејќи го знам Живе од порано и кога ми предложи викам Супер. Да соработувам со Живе ми беше чест и посебна чест ми е што соработувам со Вас, екипата на ИН ТВ.-вели Сања, за Естрада плус.
Очекувањата на Живе од овој проект се навистина големи, бидејќи станува збор за одличен избор на песни за сечиј вкус. Ако претходно тој работеше сам, во следниот период сака да оди напред со неговата матична група, бидејќи тие се насекаде со него и затоа овојпат одлучија да сработат нешто заедничко.
