Живе Мешуревски заедно со група Кода често настапува во Ресен и околината. Тој во интервјуто за ИН ТВ вели дека младите се повеќе и повеќе на нивните настапи ги бараат старите македонски песни.

Живе Мешуревски, иако е доста млад тој веќе го одбра својот музички правец, а тоа е како што вели тој, македонската народна песна. Според него, радува фактот што во последно време младите, посебно во неговиот роден крај, Преспанскиот, се заинтересирани за народната музика и се повеќе ја бараат на неговите настапи.
-Најчесто свириме народно, но во последно време практикуваме да има се, она што го бара публиката. Младите бараат турбо фолк, но ја сакаат и македонската народна песна. Помладата публика во Ресен е заинтересирана за народната музика, на нашите настапи имаме нарачки и за постари македонски песни, свириме секаков репертоар.-истакна Мешуревски, во неодамнешното интервју за ИН ТВ.

Инаку, Живе настапува заедно со група Кода најчесто во Преспанскиот крај. Имаат редовни настапи во ресторанот “Две Лири”, а не изостануваат ниту ангажманите на семејните прослави.
-Најчесто публиката во Ресен може да ужива заедно со нас, моментално свириме во ресторанот “Две Лири”, тоа е едно прекрасно место и најмногу сме таму. Имаме и доста настапи на семејните прослави, имаме крштевски, свадби, а во следниот период ќе започнат и матурските. За овој период можам да кажам дека е малку помирен, мал одмор за нас, а од пролет започнуваме со турбо работа.-додава тој.
Живе неодамна во соработка со ИН Продукција го сними спотот за неговата втора песна која што е насловена “Не плаши се”. За следниот период тој најавува уште неколку нови песни, а заедно со група Кода, ќе реализираат видео проект со преработка на стари македонски песни, кои ќе бидат отсвирени и отпеани во живо.
