Ташко Каранфиловски сними спот за песната насловена “Еве песна Сине мој”. Спотот се снимаше во Скопје, а дел во Охрид, во соработка со ИН Продукција.

Откако се врати од Австралиската турнеја, Ташко Каранфиловски веднаш се фати за работа, односно започна со подготвување на новиот материјал. Тој деновиве снимаше спот за неговата најнова песна со наслов “Еве песна Сине мој”. Снимањето на видеото се одвиваше во Скопје, но еден дел ќе биде снимен и во Охрид.
-Песната се вика “Еве песна Сине мој”, една прекрасна нумера која е во соработка со еден од најпознатите хармоникаши во нашата земја и пошироко, маестро Милан Завков. Текстот е на Гоце Ристевски од Австралија, а песната е снимена во студиото на Љупчо Соколовски.-истакна Каранфиловски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Во снимањето на спотот беа вклучени Љупчо и Новица Соколовски, членови на група Фортуна, како и маестро Милан Завков. Ташко се надева дека се ќе излезе добро, а со оглед на тоа што спотот го снимаа неговите долгогодишни соработници од ИН Продукција, тој не се сомнева дека крајниот резултат ќе биде одличен.
-Темата на оваа песна е прекрасна “Еве песна Сине мој, песна од татко твој”, како што спомнав е песна на Гоце Ристевски од Мелбурн, Австралија. Чест ми е и задоволство што Гоце ми ја додели мене таа песна да ја отпеам јас, иако тие за оваа песна имаа соработка со Милан Завков таму во Австралија. Тоа беше за свадбата на неговиот син, па како што за првпат бев таму, седнавме на маса и ми вика сакам да ја слушнеш песната. Мене навистина ми се допадна и ме праша дали би прифатил да ја обработиш оваа прекрасна песна. Уште кога ме праша јас не се ни помислив бидејќи е прекрасна песна, ќе ја слушнат и сите гледачи па и тие самите ќе кажат мислење.-додава Ташко.

Маестро Милан Завков, еден од најпознатите хармоникаши, но и одличен композитор во интервјуто за ИН ТВ истакна дека е презадоволен од снимањето кое помина во одлична и позитивна атмосфера која што според него е голем мотив за реализација на одличен спот.
-Со Ташко морам да кажам дека прва соработка ни беше во емисијата Зајди Зајди. За првпат тогаш со Таше направивме неколку песни во таа емисија. Таше дојде со една преубава позитивна енергија бидејќи важи за доста позитивна личност и направивме една убава емисија. Оттогаш е таа соработка и еве сега дојдовме до идеја да снимиме една преубава песна и одличен спот.-вели маестро Завков за гледачите на ИН ТВ.
Спотот за песната “Еве песна Сине мој” се очекува да излезе во најскоро време, а ќе биде премиерно претставен на Сателитската ИН Телевизија.

