Изминатиот викенд вистинско концертно уживање на ИН ТВ

Please follow and like us:
Pin Share

Изминатиот викенд беше навистина исполнет со бројни музички изненадувања за верните гледачи на Единствената Македонска Музичка Телевизија во Австралија, ИН ТВ.

Гледачите имаа можност да уживаат во неколку часовниот концерт во живо на познатата пејачка Кристина Бела и нејзиниот колега Иван Радевски, кој се одржа во студиото на ИН ТВ во Мелбурн.

Беа отпеани голем број хитови на различни јазици, а Кристина и Иван беа придружувани од музичарите Секо Џипси на саксофон и дувачки инструменти, како и Ненад од група Медена на клавијатури.

Во саботата навечер свое музичко шоу имаа и едни од најбараните музичари во земјава, Бумбари бенд. Тие овојпат имаа и засилување од нивниот подмладок, тројцата вокалисти, Ивана, Елена и Петар Наумови.

Концертот кој што беше пренесуван во живо на ИН ТВ, како и на фан страните на фејсбук, беше вистинско уживање за сите оние кои што го следеа во моментот.

Мора да напоменеме дека концертот на Бумбари Бенд беше од хуманитарен карактер, односно насобраните парични средства кои сите хумани лица ги донираа во текот на неколкучасовното шоу ќе бидат донирани за изградба на Регионален Центар за децата со аутизам од Штип.

Концертниот викенд на ИН ТВ беше заокружен со музичкото шоу на атрактивната Стојне Николова која што беше придружувана од добропознатиот тим Бобан Мојсовски на клавијатура и Даниел Божиноски на саксофон.

За да биде малку поразлично од претходните лајв концерти, Стојне, Бобан и Даниел имаа и специјален гостин, нивниот колега и виртуоз на виолина, Игор Бежаноски кој дополнително внесе енергичност во шоуто.

Овие концерти се само уште еден доказ дека македонските музичари на секој можен начин се трудат да ги расположат нивните фанови во овој тежок период за сите нас.

 

Please follow and like us:
Pin Share