
Деновиве во продажба излезе двојното аудио ЦД „Охридска Музичка Антологија“, проект на кој подолг период работеше Охридскиот музички еснаф во соработка со издавачката куќа „Сенатор“ и повеќе соработници. Главната цел на проектот е зачувување и промовирање на охридската традиционална староградска песна и нејзиниот карактеристичен звук.
Станува збор за значаен музички проект во кој учествуваа 25 музичари, солисти и инструменталисти, членови на Охридскиот музички еснаф. На албумот се обработени 26 традиционални песни од Охридско-струшкиот регион, 4 авторски песни со тематика за Охрид, како и две од најопеаните македонски авторски песни.
– „Ова е проект кој се работеше со огромна љубов и посветеност. Веруваме дека ќе остане трајна вредност и сведоштво за богатото музичко наследство на Охрид,“ вели за Охридњуз Венко Пашовски, претседател на Охридскиот музички еснаф.

Во проектот како гости се појавуваат легендарниот Евто Пупиноски со безвременската „Лихнида кајче веслаше“ и Наум Петрески со антологиската „За многу години Македонци“, нумери кои одамна се обнародени и сакани од македонската публика.
Проектот е реализиран со сопствени средства, средства добиени од проект од областа на музичката култура, како и со техничка поддршка на ИНТВ продукција, Лабино саунд, Китрозон студио и 2S продукција. За сите песни се изработуваат и видео записи кои наскоро ќе бидат промовирани.
Дополнително, во тек е изработка на книга-монографија која ќе содржи текстови и мелографски записи за сите песни, нивната историја, како и биографии на авторите и изведувачите. Со ова ќе се заокружи целиот проект „Охридска Музичка Антологија“.
Покровител на проектот е градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.