
Во знак на благодарност за нејзиниот голем придонес во областа на македонската народна песна и фолклорот, Елена Андоновска доби посебно признание – нејзина фотографија и биографија се најдоа во новоизлезената Монографија за населба Илинден (второ дополнето издание). Со својата долгогодишна работа таа не само што ја афирмираше сопствената уметничка кариера, туку ја прослави и својата родна населба, ширум државата и надвор од неа.
Родена во 1988 година во населба Илинден, а денес жител на Скопје, Елена уште од 14-годишна возраст гордо ги пее македонските изворни песни. Веќе 16 години е амбасадор на нашите ора, танци и песни како член на ансамблот „Танец“. Првиот настап кој засекогаш ќе го памети бил на 17 години, токму со „Танец“, на концерт во Охрид.
Од 2007 година е дел од Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ како сценски презентер на традиционални игри и песни. Во 2010 година ја започнува својата педагошка работа во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ како наставник по народно пеење, а од 2012 година работи и како демонстратор на катедрата за етнокореологија при ФМУ – Штип.

Елена е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои:
- Признание за особен придонес и афирмација на УГД – Штип (2009)
- Прво место на фолклорниот фестивал во Албена, Р. Бугарија (Солистичка изведба на народни песни)
- Гранд При награда во Албена (2010)
- Прво место за соло изведба на народни песни во Прага, Република Чешка (2011)
Како член на хорот на „Танец“ учествувала во освојувањето на бројни награди наменети за ансамблот, кој важи за еден од најголемите културни амбасадори на Македонија.
Покрај вокалните способности, од 2003 година активно се занимава и со истражувачка работа во полето на етнокореологијата и етномузикологијата, со фокус на македонските традиционални песни и ора и нивните карактеристики.
Во приватниот живот, Елена е во брак со Марјан, со кој ја дели истата професија и љубов кон македонскиот фолклор – и двајцата работат во „Танец“. Изминатите години зад себе има бројни настапи и концерти, а во 2023 година ја промовираше песната со видеозапис „Тапан чука мила мамо“, посветена на празникот Илинден.
Со својот талент, труд и љубов кон традицијата, Елена Андоновска останува препознатлив и автентичен глас кој со гордост ја пренесува македонската песна на идните генерации.