Публиката која со години ги следеше музичките натпревари под капата на „Гранд продукција“, деновиве се соочува со многу прашања и малку одговори. По долгогодишниот успех на „Ѕвездите на Гранд“, каде се открија имиња како Милан Станковиќ, Сара Јовановиќ, Александар Јосифовски и други, иднината на шоуто сè повеќе станува неизвесна.
Најнов удар за емисијата доаѓа со веста дека тројца членови на жирито – Марија Шерифовиќ, Вики Миљковиќ и Босанац – го напуштаат шоуто. Причините не се официјално објавени, но според извори блиски до продукцијата, се работи за „несогласувања и желба за нови ангажмани“.
Во меѓувреме, Лепа Брена, коосновач и симбол на Гранд, се чини дека ја менува насоката. Наместо да се појавува како поддршка на шоуто, таа своето внимание го насочи кон турнеите и концертните настапи, каде носи млади пејачи со себе, но не само од „Ѕвездите на Гранд“.
Минатата година на нејзините настапи ја видовме поддршката за Александар Јосифовски, победник на Звездите на Гранд од Македонија, а оваа сезона покрај неа настапува и Даниел Кајмакоски, победник на X Factor. Овој потег уште еднаш покажува дека Брена сака да промовира квалитет, независно од продукциските рамки.

Сето ова отвора прашање:
Дали Лепа Брена тивко се повлече од Гранд по смртта на Саша Поповиќ?
Иако официјално нема потврда за таа вест, фановите забележуваат отсуство на нејзино активно учество во продукцијата.
Дали „Ѕвездите на Гранд“ полека го губат сјајот со кој ги освојуваа Балканот изминатите децении? Ќе има ли нови лица во жирито, или шоуто ќе претрпи комплетен ребрендинг? Публиката чека одговори, а сцената сè повеќе се менува.
