Во центарот на Охрид, пред бројна публика и магична езерска позадина, се одржа јубилејното издание на едно од најгледаните музички шоуа – „Имат Немат“. Настанот помина во гламурозна атмосфера, полна со емоции, песни и спомени, а посебно внимание привлече настапот на групата Чардак, кои со право се сметаат за дел од сржта на ова музичко шоу.
Чардак е една од ретките групи кои се присутни уште од самите почетоци на „Имат Немат“, со кои се создадени некои од највпечатливите и најгледани емисии. Нивниот музички печат е длабоко вграден во идентитетот на шоуто, а нивната соработка со ИН ТВ донесе уште поголем успех – дури две турнеи во Австралија, каде ја претставија македонската музичка традиција пред нашите иселеници.
На овој јубилеен настан, Чардак ја имаа честа да бидат музички домаќини и на публиката ѝ подарија вистинско музичко уживање со три охридски песни. Настапот го отворија со безвременската „Ој ти момче охриганче“, а нивниот автентичен звук и емоционалната изведба беа поздравени со громогласен аплауз.
Ова учество на групата Чардак уште еднаш го потврди нивниот статус како незаменлив дел од македонската музичка сцена, но и како вечни амбасадори на охридскиот дух во рамки на „Имат Немат“.
