Во магичната атмосфера на Охридското крајбрежје, пред платото на хотел „Палас“, се одржа јубилејната прослава по повод 5 години од популарното музичко шоу „Имат Немат“. Настанот привлече голем број љубители на македонската музика, а една од највпечатливите изведби ја имаше фолк ѕвездата Елена Велевска.
Со нејзината изведба на патриотската песна „Каде сте Македончиња“, Велевска предизвика вистинска бура од емоции кај присутната публика. На среде Охрид, ечеше нејзиниот глас, а меѓу насмеаните лица се појави и по некоја солза. Песната, преполна со љубов кон татковината и народот, силно одекна во срцата на присутните, потсетувајќи на значењето на македонскиот идентитет и традиција.
Елена уште еднаш потврди зошто е меѓу најпочитуваните фолк уметници во регионот, оставајќи силен впечаток и трага на овој значаен јубилеј. Публиката ја поздрави со громогласен аплауз, а настапот ќе остане запаметен како еден од најемотивните моменти на вечерта.
