Лазе Јанкулевски, охриѓанецот кој со години важи за еден од најдобрите виолинисти во Македонија, започна самостојна кариера како пејач и автор на песни. Иако јавноста го познава по неговиот исклучителен талент на виолина, Лазе успешно се пробива и како интерпретатор на македонската фолк музика.
Зад себе веќе има неколку авторски песни, меѓу кои се издвојуваат „Дај уште една“, „Солзи од злато“, како и инструменталното оро „Димитриова чалгија“, кое е вистински бисер за љубителите на традиционалната македонска музика.
Во моментов, Јанкулевски е во завршна подготовка за снимање на видеозапис за една од своите нови песни, која наскоро ќе ја промовира. Како и досега, соработката продолжува со продукциската куќа ИН продукција, а видеата ќе се емитуваат на сателитската телевизија ИНТВ, како и на други телевизии низ Македонија кои негуваат македонски фолклор.
Со својот богат музички опус, љубовта кон традицијата и желбата за креативен израз, Лазе Јанкулевски успешно го трасира патот од виолинист до комплетен музички уметник. Очекуваме уште многу нови и квалитетни проекти од него.

