“Солза Таткова” и “Жировница ви пее” од Благоја Грујовски допреа до јавноста

И покрај тешкиот период со корона кризата во Македонија, еден од најпознатите фолк пејачи во земјава Благоја Грујовски промовираше две нови песни, “Солза Таткова” и “Жировница ви пее”.

Тој во интервју за ИН ТВ открива дека мотивот за песната “Солза таткова” е негов близок пријател кој потекнува од Жупа, а живее во Италија.

Со оглед на тоа што песната е посветена на сите ќерки на светот, Благоја е презадоволен од реакциите на публиката бидејќи секојдневно добива само позитивни коментари.

-Јас за жал немам ќерка иако ја доживувам исто таа емоција, затоа имам синови, а тоа е нешто слично. Мотивот за оваа песна беше истотака еден наш пријател од Жупа, Цезар Таировски, кој живее во Италија и кој имаше желба да се направи една песна која ќе биде посветена на неговата ќерка. Песната е за сите ќерки на овој свет, но ете желбата негова беше да се направи таква песна и долго време ние чекавме, година до две, затоа што песна не се прави така на прва да седнеш и да направиш песна. И конечно кога Јане Рафаиловски ја имаше вистинската идеја и вистинскиот мотив ете дојде на свет и таа песна која истотака е правена со емоции, тоа се слуша и се чувствува во песната. Според првите реакции мислам дека допре до многу луѓе, до многу срца, до многу ќерки, татковци, мајки.-истакна Грујовски за Естрада плус.

Покрај песна “Солза таткова”, Благоја во изминатиот период промовираше уште една песна која ја посвети на сите жители на познатото село Жировница. Тој вели дека доста работи и моменти го поврзуваат за Жировница и Река, па затоа решил да ја направи оваа песна.

-Долго време јас посакував ваква песна, а и од мене се очекуваше. Дури и многупати ми беше спомнато тоа бидејќи јас често одам во мојот крај особено во Жировница каде што имам голем број пријатели и честопати ми велеа…Зошто сите села си ги спомнал, само Жировница не?! Мене тоа ми тежеше и долго време сакав да направам една таква песна, да снимам и конечно сега заедно со мојот автор и соработник Јане Рафаиловски решивме да направиме една таква песна, а Јане ја создаде со голема емоција. Мотивот беше и тоа што голем број жители на Жировница за жал не се тука и се иселени некаде по белиот свет и едноставно мотивот беше да им го пренесеме поздравот што им го праќа родниот крај Жировница, затоа ја насловивме песната “Жировница ви пее”.-раскажува Грујовски во интервјуто за ИН ТВ.

Песната “Жировница ви пее” Грујовски ја посветува и на неговиот колега и близок пријател Емрах Мехмеди кој трагично го загуби животот пред само неколку месеци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*