Спасен Силјаноски : Музиката е неизоставен дел од мојот живот

“Музиката е неизоставен дел кај мене, а се надевам и кај сите музичари кои што го работат тоа од срце и душа на кој што им е на прво место музиката.” Ова го истакна фолк пејачот Спасен Силјаноски во интервју за ИН ТВ. 

Пред извесно време во студиото на ИН продукција гостуваше еден од најпознатите фолк пејачи на македонската естрада Спасен Силјаноски. Тој за естрадниот магазин Естрада плус проговори за корона кризата и за тоа колку е тешко на еден музичар да му биде забрането да си ја работи својата работа.

Спасен вели дека музиката е неизоставен дел од неговиот живот и овој период е доста тежок за него.

-Јас сум роден во едно музичко семејство, јас сум израснат со музика, живеам за музика, дишам за музика. Нема да го занемариме и да звучам сега дека не се важни финансиите и економскиот дел, секако дека јас од музиката прехранувам и гледам семејство, важен е и тој дел не викам не. Сепак за мене најважна е музиката. Кога ќе му ја одземете музиката на еден музичар, тоа е исто како на луѓето да им го одземете воздухот што го дишат. Верувајте, толку нас ни значи. Дома ќе си пееш или свириш, но сепак не е исто. Онаа комуникација со публика, настапи, начинот на живот, различен биоритам, сето тоа е навика и дел од нашиот живот. Јас кога одам да пеам на некоја прослава или свадба, не се чувствувам како да одам на работа, се чувствувам како да уживам, тоа е она кога го работиш тоа што го сакаш, всушност не работиш, уживаш во тоа. Музиката е неизоставен дел кај мене, а се надевам и кај сите музичари кои што го работат тоа од срце и душа на кој што им е на прво место музиката. Затоа ни доаѓа многу тешко овој период во кој што не смееме едноставно да музицираме.-истакна Силјаноски за гледачите на ИН ТВ.

Иако како и сите музичари, така и Спасен поминува низ лош период, сепак тој одлучи на својата публика да и подари нова композиција. Станува збор за песната “Ах да се врати времето” која што ја промовираше заедно со спот кој е во соработка со ИН Продукција.

Музиката за “Ах да се врати времето” ја направи Спасен, а текстот е на неговата мајка Јагода.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*