Спасен Силјаноски : Ако продолжи корона кризата, музиката ќе мора да ја ставиме на пауза !

Откако ја промовираше неговата најнова песна “Ах да се врати времето”, заедно со спот, Спасен Силјаноски проговори и за моменталната состојба со коронакризата. Тој вели дека ако продолжи оваа ситуација, ќе мора да се стагнира со музиката, бидејќи веќе економски не може да се издржи.

И покрај тоа што ова е тежок период за македонските музичари, фолк пејачот Спасен Силјаноски и во вакви тешки услови успеа да промовира нова песна за која што сними и видео запис. Песната е со наслов “Ах да се врати времето”, а видеото е во соработка со ИН Продукција.

Но, во интервју за ИН ТВ вели дека ако корона кризата продолжи и понатаму, нема да може да се издржи економскиот притисок и музиката ќе мора да се стави на пауза.

-Верувајте во овие моменти каде што е таква ситуацијата низ цел свет не би можел да тврдам што би работел ни после пет дена, не камоли да кажам што ќе биде после пет месеци или година-две. Останувам на ставот да продолжам со работа со мојата музика, се разбира таа е неизоставен дел од мојот живот и никогаш не би се откажал, но ќе видиме како ќе биде бидејќи сакам да вложувам во нешто ново, да снимам песни за мојата публика, видео записи итн. Ако долго време остане оваа ситуација без дозвола за работа нема да можеме да го издржиме тој економски притисок и ќе мора да стагнираме во однос на работата, во однос на снимање и слично.-истакна Силјаноски за гледачите на ИН ТВ.

Спасен Силјаноски важи за еден од најбараните македонски фолк пејачи, кој поради пандемијата на коронавирусот беше приморан да ја прекине Австралиската турнеја и да се врати во Македонија. На оваа турнеја беше заедно со неговиот колега Дарко Стојаноски, како и Престиж бенд.

За потсетување, сите нивни закажани концерти во Австралија беа распродадени до последното место.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*