Спектакуларно 8-мо издание на фестивалот на шегобијна песна “Тумба Фест”

На платото пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, по осми пат се одржа Меѓународниот фестивал на новосоздадена народна шегобијна песна „Тумба фест“.

За оние кои што не знаат, фестивалот е од ревијален карактер, но беа доделени две признанија. Наградата за животно дело која замина кај Ванчо Тарабунов и Награда за најслушана песна која ја добија момците од Челик бенд за нивниот хит „Кумановке фраерке“.

Иако “Тумба Фест” се одржа во период на корона криза, организаторите се презадоволни од годинешното издание на фестивалот бидејќи навистина вложиле голем труд за истиот да се одржи.

Игор Трајковски, уметничкиот директор на Тумба Фест во интервју за ИН ТВ вели дека оваа година за нив беше исклучително тешко да го организираат овој фестивал.

Со оглед на тоа што ни се случи на почетокот на фестивалот, дождот токму денес. Дали е бериќет или некоја казна, очигледно е бериќет бидејќи Господ ни се смилува и престана дождот. Ние Кумановците сме познати по истрајноста и покрај корона кризата и покрај ова невреме што ни се случи сепак јас како уметнички директор на фестивалот сум презадоволен како од песните, учесниците, публиката и се комплетно.-истакна Трајковски, за естрадниот магазин Естрада плус.

 

Благица Павловска, Марјан Коцев, Душко Георгиевски, Скопски Боеми и Влатко Алексовски, кумановските пејачи Нино Величковски, Лидија Спасовска, Челик Бенд, Огнени Момчиња, Рени, беа само дел од музичките имиња на Тумба Фест, а на фестивалот годинава беа изведени вкупно 22 песни.

Еве што истакнаа дел од изведувачите за гледачите на ИН Телевизија :

-Имаме шегачиска песна, Даце е во главна улога како еден љубител на алкохолот, претставен е во природно издание, а јас сум му сопруга што го кара како секоја вечер доаѓа напиен.-раскажува накратко за Естрада плус, Ивана, женскиот вокал на група Академци.

-Ќе ја слушнат гледачите, имаме доста интересна песна годинава која е насловена “Кафански театар”. Музиката и аранжманот се на нашиот клавијатурист Дејан Миленкоски, а текстот мој. За првпат се јавувам и како текстописец, досега имаше позитивни коментари од блиските луѓе кои ја слушнаа, па ќе ја видиме и реакцијата на публиката по изведувањето на песната.-вели Даце, машкиот вокал на Академци.

-Насловот на песната со која настапи е “Жута Љута”. Не може да биде вино, не може да е пиво, мора да е ракија. И оваа песна како и претходната е на Кумановски дијалект. Малку ми беше тешко околу пеењето, но заедно со Игор директорот снимивме во студио, па се снајдов. Темата е “Жута Љута”, кажува дека за било кој вирус единствен лек е само “Жута Љута”.-вели познатиот фолк пејач Марјан Коцев.

-Одлично беше, јас последна настапив. Имам една интересна песна, би сакала сепак да се слушне песната, кога ќе се слушне тогаш ќе се прокоментира околу тоа. Инаку, како што знаеме вечерва имаше 22 песни и сите се на некој начин духовити што е интересно во ова денешно време малку да има духовитост во она што го работиме поготово во песната. Јас се чувствувам одлично и спремна сум за понатаму. Се чувствувам како да почнувам од почеток нешто и мислам дека ќе има успех.-истакна Благица Павловска за ИН ТВ.

Инаку, фестивалот на шегобијна песна “Тумба Фест”, деновиве ќе биде емитуван целосно на Сателитската ИН Телевизија.

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*