Езерски концерт за паметење : “Пријателите во чест на Андреј Лаброски”

Сеуште не стивнуваат позитивните коментари и пофални зборови за традиционалниот концерт “Пријателите во чест на Андреј Лаброски” кој годинава се одржа по трети пат, но во малку поразлично издание.

Поради пандемијата од коронавирусот организаторите од Ансамбл Билјана каде што и членуваше Андреј, одлучија концертот овој пат да се одржи на отворено и тоа на самиот брег на Охридското езеро. Езерскиот концерт беше вистинско уживање за сите оние лица кои пристигнаа со пловни објекти, катамарани, бродови, чамци, за гостите на плажата Сараиште и секако за гледачите на сателитската ИН Телевизија и Охридската ТВМ кои имаа можност концертот да го следат во живо пред малите и големи екрани.

-Тоа беше наша прва успешна соработка со ИН ТВ на 16-ти јули, тоа е денот кога беше роден Андреј Лаброски и во негова чест трета година по ред се одржува концерт. Оваа година со ситуацијата поради пандемијата од коронавирусот во светот не можевме да го одржиме како секогаш со сите музичари од забавниот и од народниот дел кои беа одржани во Кадмо и Шила барот претходните години, годинава поради таквата ситуација одржавме онлајн концерт, езерски, на кој можеше да се присуствува со чамец или на плажата Сараиште, секако согласно препораките и се надевам дека слушателите и гледачите уживаа.-истакна Јован Поп-Стефанија во интервјуто за ИН ТВ.

Покрај одличните музичари од Ансамблот Билјана, на концертот беа вклучени уште неколку музичари од различни групи од Охрид, Струга, Кичево и Скопје кои важат за блиски пријатели и колеги на Андреј.

Секако и овој пат свој дел имаше и познатата пејачка Мартина Костова која дополнително го збогати концертот.

-Имавме доста добри коментари по концертот. Можам да кажам дека влеговме со страв бидејќи ситуацијата е таква и не знаевме каков ќе биде крајниот резултат, но самата позитивна енергија на сите присутни на пријателите на Андреј Лаброски, снимателите на Love and LifeСтудио и екипата на ИН ТВ си даде еден ефект да крајниот производ биде тоа што беше и навистина сме и ние задоволни како исполнители, а и публиката.-додава Јован, за Естрада плус.

Инаку, следна нивна манифестација е “Охридска визита” која ќе се одржи на 8-ми септември во преддворјето на црквата на Св. Софија. Од Ансамбл Билјана најавуваат богата музичка програма и бројни новитети.

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*