Маестро Влатко Терзиски со “Велгошко чалгиско” и “Мелем оро” го најавува албумот

“Велгошко чалгиско оро” и “Мелем оро”, се двете најнови музички дела на познатиот музичар Влатко Терзиски. Тој во интервјуто за ИН ТВ го најави неговиот солистички албум на кој што ќе има 10 инструментални ора.

Познатиот виртуоз на кларинет Влатко Терзиски, во студиото на ИН Продукција претстави неколку одлични музички дела. Станува збор за најновото “Велгошко чалгиско оро”, како и “Мелем оро”.

Како што вели тој овие инструментални дела се една мала најава за неговиот солистички албум кој што ќе излезе во текот на 2020-та година.

-Се надевам дека годинава ќе го завршиме моето долго најавувано цд. Имам и некои нови кои одлучив да ги промовирам во вашето студио. Едно од најновите кое би сакал да го спомнам е Велгошко Чалгиско оро, на кое што автор е Гоце Џуклески и имам уште едно кое е снимено пред два-три месеци, тоа е на Дарко Илиевски мој колега од ТАНЕЦ.-истакна Терзиски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Влатко во интервјуто за ИН ТВ открива дека шест ора се веќе подготвени, а на албумот е планирано да има вкупно 10 инструментални ора.

А заедно со Терзиски, во нашето студио ни гостуваше и маестро Сашо Ливрински кој што важи за доста близок пријател и соработник на Влатко.

-Генерално ние со Влатко соработуваме и приватно и службено бидејќи сме долги години во групата Академци. Ние сме многу добри пријатели што е многу важно кога создаваш музика затоа што енергијата и синергијата која што претставува една вкупна енергија кога работиш заеднички, а публиката ја чувствува. Влатко беше гостин на моето цд јас кога снимав пред три години, Вруток се вика цд-то, исто го промовиравме во студиото на ИН ТВ и од тоа цд, две ора ќе одат како подарок за албумот на Влатко.-изјави Сашо Ливрински за гледачите на ИН ТВ.

Терзиски во студиото на ИН продукција воедно ги претстави и “Брусничко оро” од легендарниот Тале Огненовски и “Смојмировски Мегдан” на кое како автор се потпишува Сашо Ливрински.

 

 

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*