Најдоброто од Македонија во Австралија : Дарко и Спасен на голема Австралиска турнеја

Едни од најдобрите фолк пејачи на македонската естрада, Дарко Стојаноски и Спасен Силјаноски на голема Австралиска турнеја. Како што ни откри Дарко во интервјуто, закажани се засега 8 концерти во повеќе градови каде што ги има нашите македонци.

Навистина интересен спој на двајца извонредни фолк пејачи кои ја негуваат македонската музика. Најавена е големата Австралиска турнеја на едни од најдобрите и најпознатите музички имиња од македонската фолк естрада, Дарко Стојаноски и Спасен Силјаноски. Во интервју за сателитската ИН ТВ, Дарко открива дека подготовките за турнејата се веќе при крај и дека почетокот на месец март заминуваат за Австралија. Со нашите македонци кои живеат таму ќе се дружат повеќе од месец дена.

-Подготвени сме веќе и уште некои така ситни подготовки имаме. Веќе 7-ми и 8-ми март ни се првите концерти, па мислам дека до 12-ти април е последниот концерт. Значи повеќе од месец дена ќе се дружиме со нашите во Австралија. Воедно ќе ја искористам оваа прилика да ги поздравиме бидејќи тие не гледат и не следат на ИН ТВ.-истакна Стојаноски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Засега се закажани вкупно 8 концерти во повеќе градови каде што ги има македонците, а на нивните забави како што вели Дарко, ќе се пее исклучиво македонската песна. Покрај нивните познати хитови “Отвори порти невесто”, “Јана е најубава”, “Ќе ти дојдам”, “Давам една лира”, “Мајка сина прашува” и други, тие ќе ги отпеат и најпознатите македонски народни хитови.

-8 концерти се веќе закажани и се сигурни, за деветтиот уште се преговара за Њукасл, не се знае уште ништо. Но, колку што имам информации, добро оди и има голема заинтересираност. Ќе ги поздравам друштвото Никола Карев и Ацо Петроски, организаторите и сите тие со кои што контактираме велат дека добро оди засега.-додава тој, за гледачите на ИН ТВ.

Не се сомневаме дека Дарко и Спасен ќе остварат успешна заедничка турнеја во Австралија, а заедно со надалеку познатата македонска песна ќе го сплотат македонскиот народ.

Инаку, Дарко пред само неколку денови со песната Сонцето од Кутлеш ја освои првата награда од стручното жири на Гоце Фест !

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*