Самостоен албум со одбрани македонски песни најавува Игор Бежаноски

Откако го објави спотот за песната “Меракот ми остана”, Игор Бежаноски периодов работи на новите песни кои ќе се најдат на неговиот самостоен албум.

Талентираниот музичар Игор Бежаноски секој момент го користи да сними нешто ново и со полна пареа периодов работи на неговата музичка кариера. Тој во неодамнешното интервју за ИНТВ го најавува неговиот самостоен албум. На албумот ќе има народни песни, од кои повеќето се авторски, како и неколку композиции кои се наградувани на фестивалите низ Македонија.

-Мојот самостоен албум веќе еден убав период го најавуваме, но сакам сето тоа да биде баш по мој терк. Точно е дека со мене е малку специфично да се функционира и да се работи, но секогаш сакам да биде баш онака како што треба да биде професионално затоа малку го одложуваме. Инаку е при крај, сите песни се готови и сите се во духот на македонската песна, македонската музика. Работени се со срце, душа, со автори професионалци музичари, колеги и на сите досега им благодарам.-истакна Бежаноски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Игор за следниот период најавува снимање на уште еден спот во соработка со ИН Продукција и открива дека новата песна ќе биде во брз и весел ритам.

-Ќе откријам да, само некои детали не баш се. Тоа е се во преговори со вашата продукција. Иста таква македонска весела песна, со добри и врвни автори и секако соработка со ИН Продукција, видеото ќе го работиме повторно заедно. Песната би била готова за месец до два. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме, бидејќи имаме доста ангажмани во следниот период, имаме доста најави и позитивни критики за претходниот проект кој го сработивме и сето тоа се одразува на нашата работа. Искрено се надевам дека за многу скоро ќе стигнеме да го сработиме тоа.-додава тој во интервјуто.

Инаку, Бежаноски периодов го промовираше спотот за песната “Меракот ми остана”, кој што наиде на доста позитивни реакции од јавноста. Спотот се снимаше во Охрид, а во соработка со ИН Продукција.

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*