Живе Мешуревски за ИН ТВ ја раскажа својата музичка приказна

Неговите почетоци со музиката се на 6-годишна возраст кога започнал да свири на хармоника. Иако е релативно млад, Живе Мешуревски е доста искусен музичар.

Деновиве во студиото на ИН Продукција гостуваше младиот и талентиран пејач Живе Мешуревски. Тој меѓудругото за гледачите на ИН ТВ ја раскажа неговата музичка приказна. Интересно е тоа што пред да почне со пеење, Живе свирел на хармоника.

-Јас почнав од многу мал да се занимавам со музика, најпрво свирев хармоника на шест годишна возраст. Потоа се запишав во Нижо музичко училиште, средно музичко, па сега сум веќе на Музичка Академија, отсек соло пеење. Отсекогаш пеев јас од мал, но желбата да се насочам на овој дел од кариерата за пеење ми дојде пред 4-5 години.-открива Мешуревски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Покрај на хармоника, Живе умее да свири на пијано, а ги владее и ударните инструменти.

А кога станува збор за тоа дали музичкиот талент е наследен, тој вели дека сите во неговото семејство добро пеат, но никој не се занимава професионално со музика, освен тој.

-Можам да кажам дека сите добро пеат, ама никој не се занимава со оваа професија. Мојата сестра, можам слободно да кажам дека подобро пее од мене, но не сака да го работи ова, таа студира нешто друго.-вели тој, за гледачите на ИН ТВ.

Инаку, Живе е познат и по неговите бројни свирки низ локалите во Ресен, а настапува заедно со група Кода.

Тој неодамна промовираше спот за песната “Не плаши се”, кој наиде на доста позитивни реакции од јавноста. Спотот го изработи ИН Продукција.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*